Врз основа на член 17-а став 2 и 26-а од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на РМ” бр.38/96, 9/97, 6/02, 40/03, 49/06, 22/07, 83/09, 97/10, 6/12, 119/13, 41/14, 138/14, 25/15, 61/15, 39/16, 64/18 и 35/19 и
“Службен весник на РСМ” бр.275/19, 89/22, 274/22, 208/24 и 193/25) како и Правилникот за формата и содржината на јавниот повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на член на управен и надзорен одбор на јавно претпријатие, начинот на поднесување на пријавата, обрасците за пријавување и начинот на бодување и селекција на кандидатите (“Службен весник на РСМ” бр.213/24), Советот на Општина Демир Капија објавува
ЈАВЕН ПОВИК
За пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на член на Управен одбор и Надзорен одбор на Јавното претпријатие за
комунални работи БОШАВА Ц.О. Демир Капија
Јавниот повик се однесува за пријавување на кандидати за избор на
- 1 (еден) член во Управниот одбор на Јавното претпријатие за комунални работи БОШАВА Ц.О. Демир Капија, со мандат до истекот на мандатот на постојниот состав.
- 1 (еден) член во Надзорниот одбор за контрола на материјално-финансиското работење на Јавното претпријатие за комунални работи БОШАВА Ц.О. Демир Капија, со мандат до истекот на мандатот на постојниот состав.
Јавното претпријатие за комунални работи БОШАВА Ц.О. Демир Капија е основано од Советот на Општина Демир Капија со приоритена дејност 36.00 -Собирање, обработка и снабдување со вода.
Согласно член 19 од Законот за јавните претпријатија, Управниот одбор ги има следните работни задачи, одговорности и обврски и тоа:
- Го донесува статутот на јавното претпријатие;
- Ги усвојува програмата за работа и развој на јавното претпријатие;
- Ја утврдува деловната политика;
- Ги усвојува тримесечниот извештај кој содржи показатели за финансиското работење, годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие;
- Одлучува за употребата на средства остварени со работењето на јавното претпријатие и покривањето на загубите;
- Ги донесува одлуките за инвестиции;
- Ги утврдува цените на производите и услугите;
- Одлучува за внатрешна организација на јавното претпријатие;
- Го донесува актот за утврдување на висината на вредноста на бодот за пресметување на платите на вработените;
- Врши други работи утврдени со актот за основање и статутот на јавното претпријатие.
Согласно член 27 од Законот за јавните претпријатија, заради вршење на работите на контрола надзорниот одбор за контрола може да врши испитување на лице место на сите документи и списи на јавното претпријатие. Надзорниот одбор за контрола може заради испитување на документите и списите на јавното претпријатие да повика стручни лица кои ќе му помагаат во решавањето на надзорот.
Надзорниот одбор за контрола задолжително ги прегледува тримесечните извештаи кои содржат показатели за финансиското работење, годишните сметки и извештајот за работа на јавното претпријатие и по прегледувањето му дава мислење на управниот одбор. Управниот одбор не може да ги усвои тримесечните извештаи кои содржат показатели за финансиското работење, годишните сметки и извештајот за работењето на јавното претпријатие, ако претходно не добие позитивно мислење од надзорниот одбор за контрола.
Надзорниот одбор за контрола може да дава одобрение на актите донесени од управниот одбор, доколку тоа е утврдено со статутот на јавното претпријатие.
Претседателот и членовите на управниот одбор имаат право на месечен надоместок за својата работа, врз основа на присуство на седници на управниот одбор на јавното претпријатие.
Претседателот и членовите на надзорниот одбор за секоја седница на надзорен одбор на која присуствувале имаат право на надоместок.
Висината на месечниот надоместок за претседателот и членовите на управниот/надзорниот одбор изнесува:
- за претседателот во износ од 2.000,00 денари
- за членовите во износ од 1.500,00 денари, согласно Одлуката за определување на висина на надоместокот на претседателот и членовите на управниот одбор и надзорниот одбор на Јавното претпријатие за комунални работи БОШАВА Ц.О Демир Капија бр.08-832/7 од 01.12.2023 година.
Право на учество за избор на член во управниот одбор имаат сите заинтересирани физички лица кои ги исполнуваат следните услови:
- е државјанин на Република Северна Македонија,
- има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование,
- во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност и
- да има најмалку пет години работно искуство.
Право на учество за избор на член во надзорниот одбор имаат сите заинтересирани физички лица кои ги исполнуваат следните услови:
- е државјанин на Република Северна Македонија,
- има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование од областа на економските науки,
- во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност и
- да има најмалку пет години работно искуство од областа на финансиското работење.
Заинтересираните кандидати со пријавата потребно е да ја достават следната документација:
- Уверение за државјанство на Република Северна Македонија,
- Уверение или диплома за завршено високо образование и стекнати 240 ЕКТС или завршен VII/1 степен образование,
- Потврда дека со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност,
- Потврда за евидентиран стаж од Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија;
- Кратка биографија,
- Сертификати, лиценци, уверенија, дипломи издадени од овластени, односно акредитирани институции за нивно издавање согласно закон.
Рок, начин и место на поднесување на пријавата
Заинтересираните кандидати потребната документација во хартиена форма во оригинал или копија заверена на нотар заедно со пополнета пријава на образец за пријавување (кој е прилог кон повикот) може да ја достават до:
Општина Демир Капија ул.Маршал Тито 15Б 1442 Демир Капија или во архива на Општина Демир Капија (со назнака: “За Јавен повик за избор на членови на Управен/Надзорен одбор на ЈКП Бошава Демир Капија”) најдоцна до 06.04.2026 година.
Напомена: Пријавите без комплетно приложена документација или кои се доставени по истекот на предвидениот рок нема да се разгледуваат. Доставените прилози не се враќаат.
Постапката за селекција на кандидатите за членови на управен односно надзорен одбор на јавното претпријатие ќе ја спроведе Комисијата формирана од Советот на општина Демир Капија согласно Правилникот за формата и содржината на јавниот повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на член на управен и надзорен одбор на јавно претпријатие, начинот на поднесување на пријавата, обрасците за пријавување и начинот на бодување и селекција на кандидатите (“Службен весник на РСМ” бр.213/24), и се состои од две фази и тоа:
- Фаза 1 – административна селекција (фаза во која се врши проверка на внесените податоци во пријавата со условите од јавниот повик кои треба да се идентични со условите утврдени во Законот за јавните претпријатија, како и доставените докази и се врши нивно бодување) и
- Фаза 2 – интервју (фаза во која преку ситуациони и стручни прашања и практични задачи се проверуваат општите и посебните работни компетенции на кандидатот и се врши нивно бодување, а се поставуваат и општи прашања со кои се проверува интересот и мотивацијата на кандидатот за работата, прашања за неговото претходно работно искуство, очекувањата на кандидатот и сл.).
Точниот датум, време и место на одржување на интервјуто ќе бидат објавени на веб страната на Општина Демир Капија: www.opstinademirkapija.gov.mk.
Незадоволните кандидати од изборот за членови во управниот односно надзорниот одбор на јавното претпријатие имаат право да поведат управен спор до надлежен суд согласно со Законот за управни спорови.
Јавниот повик се објавува на ден 02.04.2026 година на веб страната на Општина Демир Капија www.opstinademirkapija.gov.mk.
| Бр.08-313/1 02.04.2026 година Демир Капија | Претседател на Советот на Општина Демир Капија Мирјана Јаневски |