top of page
Градски плоштад.jpg
105455623_10219637165253926_4316773683167504837_n.jpg

ЛАЗАР ПЕТРОВ

Градоначалник на Општина Демир Капија

Тел.: 

+389 (0)72 222 467 

Email:

Адреса:

ул. „Маршал Тито„ бр. 15Б

1442 Демир Капија

Датум на преземање на функцијата:

06.11.2017 год.

Политичка припадност:

СДСМ (Социјалдемократски Сојуз на Македонија)

  • Facebook
  • Instagram
Демиркаписка Клисура 7.jpg

БИОГРАФИЈА

Градоначалникот Лазар Петров е роден на 17.02.1983 год. во Неготино.

Основно образование завршува во ООУ „Димче А. Габерот“ Демир Капија, а средно образование во СОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Неготино, во билингвална паралелка на француски јазик.

Високото образование го продолжува на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и се стекнува со звањето Дипломиран преведувач по француски и англиски јазик, а поминува и две години во Франција каде се усовршува во областа на хотелиерството и винскиот туризам.

Од млади години се занимава со спорт, поточно кошарка, а бил член и на драмската и играорната група при Домот на културата „Мирка Гинова“ Демир Капија.

Професионалната кариера ја започнува во 2009 година во Винарската визба „Попова Кула“ како менаџер на вински туризам. 

Моментално ја извршува функцијата Претседател на ОО СДСМ Демир Капија.

По победата на локалните избори во 2017 година станува Градоначалник на Општина Демир Капија од редовите на СДСМ и сеуште ја извршува истата функција.

Карактеристики со кои се одликува: човек кој во целост е посветен на градот и своите сограѓани, голем хуманист, визионер, одличен менаџер, истраен и одлучен во реализирањето на поставените цели, но пред се искрен пријател.

НАДЛЕЖНОСТИ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ

  • Ја претставува и застапува општината;

  • ​Ја контролира законитоста на прописите на Советот;

  • Ги објавува прописите на Советот во службеното гласило на општината;

  • Го обезбедува извршувањето на одлуките на Советот;

  • Го обезбедува извршувањето на работите кои што со закон и се делегирани на општината;

  • Иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на Советот;

  • Го предлага Годишниот буџет и Годишната сметка на буџетот на општината;

  • Го извршува Буџетот на општината;

  • Избира директори на јавните служби кои ги основала општината, врз основа на јавен конкурс;

  • Редовно го известува Советот за извршувањето на своите надлежности во согласност со Статутот;

  • Решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица, во согласност со закон;

  • Донесува Правилник за систематизација на работните места на општинската администрација;

  • Раководи со општинската администрација;

  • Одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со закон;

  • Обезбедува правилно и законито користење, одржување и заштита ма сопственоста на општината, во согласност со закон и Статутот и

  • Врши други работи утврдени со закон и со Статутот.

КОНТРОЛА НА ЗАКОНИТОСТА НА ПРОПИСИТЕ ПРЕД НИВНОТО ОБЈАВУВАЊЕ

Ако Градоначалникот смета дека прописот на Советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.

Советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението, да го разгледа решението и да одлучи по него. Ако Советот го потврди прописот, Градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Северна Македонија.

 

За иницијативата Градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.
 

ИЗВРШУВАЊЕ НА ФУНКЦИЈАТА ГРАДОНАЧАЛНИК

 

Новоизбраниот градоначалник ја презема должноста од претходниот градоначалник во рок од седум дена од денот на изборот. Градоначалникот ја врши професионално својата функција. За време на вршењето на функцијата градоначалник не може да врши друга професионална дејност.

Градоначалникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење во Советот. 

Градоначалникот определува кој од членовите на Советот ќе го заменува во случаи на спреченост или отсуство, во согласност со постапка утврдена со Статутот.

Градоначалникот не може да биде именуван за член во надзорни, управни и контролни органи на трговски друштва и јавните служби, исто така не може да учествува во процесот на одлучување за прашања во кои тој или неговиот брачен другар, деца или роднина до втор степен странична линија има финансиски или друг личен интерес.

 

ПРЕСТАНОК НА МАНДАТОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ

 

На Градоначалникот му престанува мандатот по сила на закон:

- Ако поднесе оставка;

- Во случај на смрт;

- Ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци;

- Ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност;

- Ако настапи случај на неспојливост за вршење на функцијата согласно со Законот за локални избори;

- Во случај на неоправдано отсуство подолго од шест месеци и ако престане да биде жител на општината.

За оправданоста на отсуството одлучува Советот, со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на Советот. Членот на Советот кој го заменува Градоначалникот, во рок од 15 дена од денот на настапувањето на еден од случаите погоре е должен за тоа да го извести министерството надлежно за работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа, во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето ја известува Владата на Република Северна Македонија, која во рок од еден месец од денот на приемот на известувањето, констатира дека настапил еден од погоренаведените случаи и истовремено иницира постапка за распишување нови избори за градоначалник, во согласност со закон.

Советот, во рок од 30 дена од денот на објавувањето на одлуката на Владата, ќе избере еден од членовите на Советот кој ќе ја врши должноста на градоначалникот за периодот до изборот на нов градоначалник, на начин на кој се избира претседател на Советот. На членот на Советот му мирува функцијата член на Советот за времето на вршењето на должноста Градоначалник. Изборите нема да се спроведат доколку до новиот изборен период има помалку од шест месеци.

 

bottom of page