Природни ресурси

ПРИРОДНИ РЕСУРСИ

Непосредниот релјеф околу Демир Капија има посебно место во развојот на туризмот. Релјефните особености на овој крај од тиквешијата се инзворедни елементи за туристичка атрактивност, како што е Демиркаписката клисура, ретко убавите стени, кањоните на Иберлиската река која се влива во реката Вардар во самата клисура, потоа отворот на тунелот кој што го ствара кањонот на Иберлиската река. Убавините на клисурата представуваат посебна атракција за туристите и минувачите кои се восхитуваат во творештвото на природата.

 

Клисурата е долга околу 19 км и се наоѓа  помеѓу Тиквешката котлина на северозапад и Бојмија на југоисток. Страните и се изградени од модри шкрилци, преку кои лежат слоеви на модра крупна вар со мезозојска старост. Високи се до 1000 м. и се многу стрмни.

 

Посебен елемент за развој на туризмот представуваат природните реткости на овој крај односно спеолошките природни појави – пештери, создадени во варовничките маси на Демиркаписката клисура. Познати се повеќе пештериод кои поголеми и позначајни се Бела вода и Горни и Долни Змејовец.

 

 

Пештерата Бела Вода е расположена покрај стариот пат за Гевгелија. Вкупната должина на пештерските канали изнесува 955 м. Дното на долниот канал постепено се издига, на места се проширува во галерии, а некаде има урнати карпи од таванот, кој го одделува од горниот канал. Горниот канал на некои места има пештерски накит. Долниот канал е млад по својот постанок и по дното има песоци, што укажува на повремен водотек низ пештерата. На крајот на каналот се наоѓа Маргаритно Езеро со пречник од 8 x 12 метри и различна длабочина од 4 до 8м.

Пештерата Змејовец е составена од два дела: едниот дел е поголем со должина од 150 м. и има тркалезна форма а другиот е помал и има 40 м. Пештерата е богата со украсни предмети: драпери, сталактити и сталагмити, со што може да се споредува со Постоинската Јама во Словенија. Отворот на Змејовец е голем, но затоа два и пол  километри треба да се оди пеш

 

Низ општина Демир Капија поминуваат три значајни реки. Тоа се: Вардар со должина во општината од 24 км., Дошница со должина од 18 км. и Бошава со должина во општината од 15 км.

 

Крајбрежјето на река Бошава претставува еден прекрасен екосистем. Изобилува со богата флора и фауна во кој преовладува автохтониот дрвен вид Јавор Платан.

Почнувајќи од Демир Капија  по крајбрежјето на река Бошава до локалитет Дошница е прекрасно место за рекреација, каде што посетителите може да уживаат во автохтоните природни убавини.

Инфраструктура

ИНФРАСТРУКТУРНИ СИСТЕМИ

Демир Капија лежи на најзначајната сообраќајна комуникација која ја поврзува западна Европа со Грција, а преку неа со Турција и другите земји од блискиот исток. Тоа се автопатот Е- 75 и железничката линија Париз – Белград – Атина. Преку овие две сообраќајници се одвиваат главно сите стопански и други токови помеѓу наведените земји а посебно истите представуваат и најзначајни туристички артерии.

Демир Капија преку регионалниот пат Р – 109 е поврзана со Конопиште – Мушев Гроб – Рожден, со Р – 122 со Пепелиште – Неготино, додека преку стариот макадамски пат Р – 103 со Скопје и Гевгелија.

ЕЛЕКТРОЕНЕРГЕТСКА ИНФРАСТРУКТУРА

Електроенергетската инфраструктура во општината ја сочинуваат електрочентрала од проточен тип и ХЕЦ „ Дошница“.

Географска положба

ГЕОГРАФСКА ПОЛОЖБА

Општина Демир Капија се наоѓа во јужниот дел на Македонија, односно југоисточниот дел на Тиквешката котлина на исклучително важна географска-стратегиска позиција.  Општината лежи на координатите помеѓу 22°00″ и 22°30″ ширина и 41°15″ и 41°30″ должина, со просечна висина од 622 м.н.в.

Тиквешката котлина главно го опфаќа просторот на средниот тек на реката Вардар и тоа од неговиот истек од Клисурата Велешка на северозапад па се до Демиркаписката клисура на југо исток.  Во подредена смисла, под поимот Тиквешија се подразбираат рамничарските терени од двете страни на река Вардар, познати под името Повардарие, почнувајќи нешто северозападно од устието на Брегалница во Вардар па се до југоисток до устието на Бошавица, потоа долината на Црна Река од истекот и од Тиквешката клисура до вливањето и во реката Вардар, брановидните терени и речни долини што се наоѓаат помеѓу Црна и Бошавица, како и ниските падински делови на планините што ја оградуваат котлината од соседните области.

Границата на Тиквешката котлина на североисток и исток ја сочинуваат венците на планината Конечка (Серта) југоисточната и западната, венците и ограноците на Мариовско – Магленските планини, додека нејзината северозападна граница ја чини ниската планина Клепа.

Општина Демир Капија се граничи со соседните општини: Неготино, Кавадарци, Гевгелија, Валандово и Конче. Со општина Неготино се граничи од Црвени рид по вливот на Прждевска река во Вардар и планината Сврачка, продолжува преку рамниште над с. Прждево, поминува по голем рид и завршува до Бошкова падина. Границата со општина Кавадарци почнува од Бошкова падина преку планините Омот и Чука, поминува покрај Марјанска планина до врвот Кусо боче од каде што по врвот Студена глава до Штудер, Ветерникот, преку река Вардар по Луткова река до мали карадак граничи со општина Валандово. По планината Крк џамија, врвот Бел Камен, преку Бели Рид и висок рид, границата со Конче завршува до Црвени Рид.

Историја на Демир Капија

ИСТОРИЈА НА ГРАДОТ

Историското минато на Демир Капија е поврзано со надалеку познатата Демиркаписка клисура, место од кое што почнувале и завршувале многу воени походи, место кое во различни периоди било граничник на повеќе владетели и место кое што било седиште на посебни феудални господари кои ја окупирале територијата и владееле со неа.

Најпрво се споменува населба која егзистирала околу тврдината, под името стар римски град Стенае. По пропаста на римското царство, тврдината станува локација за постоење на уште еден град кој бил наречен средовековниот Просек. За овој град има повеќе пишани податоци, особено оние поврзани со имињата на феудалните господари Добромир Хрст и Добромир Стрез.

Со доаѓањето на Турците населбата во тврдината престанала да живее, месното население било раселено на нова локација неколку километри на север и била наречена Бања, според топлите водени бањи кои на овој простор постојат од многу старо време. Денес таа населба се вика град Демир Капија. Но едно им е заедничко на сите овие имиња на населени места а тоа е поврзување со тврдината.

Најголемиот дел од минатото на Д. Капија е поврзано со постојани војни и трауми кои ги доживувало месното население. Овој град бил окупиран и завладуван од повеќе владетели и тоа за време на многу кратки периоди. Поради тоа не било овозможено развојот на економскиот живот да добие поголеми размери, туку она што се произведувало било разграбувано од војските.

За време на петвековното владеење на Турците многу малку работи се промениле. Во тоа време с. Бања во кое живеело населението избегано од Просек, било претворено во крупен феудален посед на различни турски бегови. Заедно со тоа и населението било зависно од турските феудалци кои располагале со нивниот живот и слобода. Дури по протерувањето на Турците во 1912-1913 год. селото се ослободило од таа зависност и започнало да живее послободен живот. Но тоа траело кратко бидејќи по неколку години била воспоставена бугарска односно српска окупаторка власт.

Во првата светска војна територијата на Д. Капија била освојувана од бугарско-германски и српско-англиски воени сили. Првата светска војна оставила пустош во Д. Капија. Последиците од неа се чувствувале долги години по неа.

За време на Кралството Југославија 1919-1941год. економската состојба била лоша бидејќи никој не вложувал во ова подрачје.

По катастрофалниот земјотрес во 1931 година населението од с. Бања биле иселено на просторот кај железничката станица Д. Капија. Тука започнало нов живот биле отворени неколку трговски и занаетчиски објекти, а подоцна било отворено и учулиште како и неколку стопански објекти.

Целиот период на втората светска војна во Д. Капија изобилувал со крупни настани на воен план. Поради добрата геостратешка позиција тука бил сконцентриран значителен број на германска и бугарска војска. Борбите за населбата станале почести а посебно се прошириле во 1943 и 1944 година што придонело важноста на Демир Капија да биде од животно значење за повлекувањето на германските единици од Грција поради што населбата била претворена во вистинска неовоива тврдина. По повлекувањето на Германците како и силните борбени дејстија на Македонците во 1944 година Демир Капија била ослободена.

По ослободувањето Демир Капија бележи подем особено во времето додека населбата била седиште на истоимената општина. Меѓутоа по укинувањето на општината и претварање на Д. Капија во обично седиште на Месна канцеларија растот бележи стагнација кој оставил негативни траги во севкупниот живот. Во 1996 година Д. Капија повторно го добива статусот на општина, со изборотна првиот градоначалник и првиот повеќепартиски општински совет, пулсот на животот повторно се вратил во овој град и покрај извонредно тешката економска ситуација настаната во 1990 година. Новото општинско раководство го врати развојот на позитивни почетни позиции.

Денес градот и целата општина, полека но сигурно екомски заживуваат и се развиваат спред стандардите на новото време. А тоа сигурно ќе биде показател конечно и Демир Капија да го добие заслуженото место на урбанизирана и економски стабилна општина во нашата држава.