Македонски (Macedonian)English (United Kingdom)

ИСТОРИЈА НА ГРАДОТ


Историското минато на Демир Капија е поврзано со надалеку познатата Демиркаписка клисура, место од кое што почнувале и завршувале многу воени походи, место кое во различни периоди било граничник на повеќе владетели и место кое што било седиште на посебни феудални господари кои ја окупирале територијата и владееле со неа.

Најпрво се споменува населба која егзистирала околу тврдината, под името стар римски град Стенае. По пропаста на римското царство, тврдината станува локација за постоење на уште еден град кој бил наречен средовековниот Просек. За овој град има повеќе пишани податоци, особено оние поврзани со имињата на феудалните господари Добромир Хрст и Добромир Стрез.

Со доаѓањето на Турците населбата во тврдината престанала да живее, месното население било раселено на нова локација неколку километри на север и била наречена Бања, според топлите водени бањи кои на овој простор постојат од многу старо време. Денес таа населба се вика град Демир Капија. Но едно им е заедничко на сите овие имиња на населени места а тоа е поврзување со тврдината.

Најголемиот дел од минатото на Д. Капија е поврзано со постојани војни и трауми кои ги доживувало месното население. Овој град бил окупиран и завладуван од повеќе владетели и тоа за време на многу кратки периоди. Поради тоа не било овозможено развојот на економскиот живот да добие поголеми размери, туку она што се произведувало било разграбувано од војските.

За време на петвековното владеење на Турците многу малку работи се промениле. Во тоа време с. Бања во кое живеело населението избегано од Просек, било претворено во крупен феудален посед на различни турски бегови. Заедно со тоа и населението било зависно од турските феудалци кои располагале со нивниот живот и слобода. Дури по протерувањето на Турците во 1912-1913 год. селото се ослободило од таа зависност и започнало да живее послободен живот. Но тоа траело кратко бидејќи по неколку години била воспоставена бугарска односно српска окупаторка власт.

Во првата светска војна територијата на Д. Капија била освојувана од бугарско-германски и српско-англиски воени сили. Првата светска војна оставила пустош во Д. Капија. Последиците од неа се чувствувале долги години по неа.

За време на Кралството Југославија 1919-1941год. економската состојба била лоша бидејќи никој не вложувал во ова подрачје.

По катастрофалниот земјотрес во 1931 година населението од с. Бања биле иселено на просторот кај железничката станица Д. Капија. Тука започнало нов живот биле отворени неколку трговски и занаетчиски објекти, а подоцна било отворено и учулиште како и неколку стопански објекти.

Целиот период на втората светска војна во Д. Капија изобилувал со крупни настани на воен план. Поради добрата геостратешка позиција тука бил сконцентриран значителен број на германска и бугарска војска. Борбите за населбата станале почести а посебно се прошириле во 1943 и 1944 година што придонело важноста на Демир Капија да биде од животно значење за повлекувањето на германските единици од Грција поради што населбата била претворена во вистинска неовоива тврдина. По повлекувањето на Германците како и силните борбени дејстија на Македонците во 1944 година Демир Капија била ослободена.

По ослободувањето Демир Капија бележи подем особено во времето додека населбата била седиште на истоимената општина. Меѓутоа по укинувањето на општината и претварање на Д. Капија во обично седиште на Месна канцеларија растот бележи стагнација кој оставил негативни траги во севкупниот живот. Во 1996 година Д. Капија повторно го добива статусот на општина, со изборотна првиот градоначалник и првиот повеќепартиски општински совет, пулсот на животот повторно се вратил во овој град и покрај извонредно тешката економска ситуација настаната во 1990 година. Новото општинско раководство го врати развојот на позитивни почетни позиции.

Денес градот и целата општина, полека но сигурно екомски заживуваат и се развиваат спред стандардите на новото време. А тоа сигурно ќе биде показател конечно и Демир Капија да го добие заслуженото место на урбанизирана и економски стабилна општина во нашата држава.

 

ОПШТИНА

Банер
Банер
Банер
Банер
Банер
Банер
Банер
Банер