Една година од стапување на функцијата градоначалник на општина Демир Капија – Извештај за отчетно и транспарентно работење

Почитувани сограѓани,

Со Вашата доверба и поддршка да станам градоначалник на општина Демир Капија, која ми ја дадовте пред точно една година, ме задолживте да работам чесно и транспарентно, а воедно тоа беше и моето предизборно ветување дека граѓаните имаат право да ја знаат вистината и да имаат претстава каква е фактичката состојба во нашата општина.

Кога ја презедов функцијата градоначалник на општина Демир Капија бев свесен дека ќе се соочам со финансиски проблеми и долгови на општината, но не очекував дека висината на тој долг може да биде толку голема за една мала општина како што е Демир Капија. По извршената финансиска ревизија беше утврдено дека покрај реалните побарувања општината има превземено и многу нереални обврски и со тоа висината на краткорочниот општинскио долг изнесуваше:

– Обврски кон добавувачи -47.376.910,00 денари
– Обврски кон вработени по основ на плати и надоместоци за плати на износ од 2.679.177,00 денари
– Обврски по основ на неисплатени хонорари членови на Совет на Општина на вкупен износ од 962.504,00 денари
– Обврски кон физички лица по основ за експропријација на недвижности во вкупен износ од 929.670,00 денари
– Обврски по оснсов на позајмица од Влада на износ од 2.000.000,00 денари

При извршеното ревидирање на некои од веќе реализираните проекти и проекти чија реализација сеуште трае, дојдов до сознанија дека за ниту еден од овие проекти не е отпочната нивната исплата

Од увидот во релизираните проекти како што се Изградбата на градски плоштад и Улично осветлување, чија вредност изнесува 38.162.004,00 денари , дојдов до констатација дека отплатата за истите треба да започне во 2019 година, односно на исплатата и претходел грејс период . На сличен начин е отпочната и реконструкцијата на домот на културата „Мирка Гинова“, проект чија вредност изнесува 30.000.000,00 денари, а чија реализација е во тек.

Јас имам должност да ви ги предочам сите овие факти бидејќи голем дел од овие проекти се реализираат со вашите пари и никој нема право да си препишува заслуги, а притоа да ги одлага обврските кои произлегуваат од самата реализација на проектите. Никој нема право да го отуѓува општинскиот имот на своја рака, а уште помалку да го присвојува истиот.

Законите треба да важат за сите подеднакво. Секој оној кој се огрешил пред законот мора да одговара без оглед на тоа дали е функционер или не. Раката на правдата е долга и кога –тогаш допира до секого кој го прекршил законот иако многумина се сомневаа во тоа. Времето покажа дека во Македонија конечно почнува да владее правото.Јас по природа сум личност која соработува, отворен за сугестии и совети како од своите соработници, така и од граѓаните, се со една цел -да ги подобрам условите и да овозможам ЖИВОТ ЗА СИТЕ во нашата општина.

Во текот на изминатата година успеав да ги реализирам следниве активности и проекти:
– Асфалтирање на регионалниот пат до село Клисура во дожина од 1км со кое е опфатена и улицата Наум Наумов

– Асфалтирање на регионалниот пат Демир Капија – Неготино кој минува низ село Бистренци со должина од 3 км

– Тампонирање на улиците во селата Бистренци Корешница и Прждево со вкупна должина од 7 километри.

– Изградба на канализациона мрежа во с.Чифлик во должина од 500 метри
Набавени се:
-35 поцинковани контејнери за комунален отпад. Овие контејнери ќе бидат распределена по селата на територијата на општина Демир Капија и во општината.

– 920 пластични канти за комунален отпад кои ќе бидат распределени по селата на територијата на општина Демир Капија и општината.

Во тек е и проект за изградба на нов резервар за вода од 200м3 за водовод во с. Корешница чија цел е обезбедување на почиста вода за пиење на месното население во с. Корешница.
Преку реновирање на кровната конструкција реконструирано е подрачното училиште во с.Корешница.

Одобрен е и проект за адаптирање на веќе постоечки простории за детска градинка во с. Корешница чија реализација ќе започне на почетокот од 2019 година.

Добиен проект за создавање услови за ново сообраќајно поврзување со автопатот Е-75 преку доизградба на анекс на клучка во соработка со центарот за развој на Вардарски плански регион на износ од 5.436.069,00 денари.

-Проект за изградба на Авантуристички парк Демир Капија кој ќе придонесе за промовирање на општина Демир Капија како туристичка дестинација во регионот за кој веќе е аплицирано и се очекува негово одобрување.

– Во текот на измината година големо внимание посветивме и на привлекување на нови инвестиции. Во таа насока четири големи компании одлучија да инвестираат во нашата општина и истите во 2019 година ќе почнат со работа . Од нив три ќе бидат за одгледување и преработка на марихуана за медицински потреби и една фабрика за природно ѓубриво. Се очекува со реализацијата на овие инвестиции да се отворат минимум 200 нови работни места во нашата општина.

Општина Демир Капија редовно им помага на своите сограѓани кои припаѓаат на социјално ранливи категории и досега по тој основ се исплатени 50.0000 денари. Тука би го споменал и дванаестчленото семејство Алимови од с.Бистренци за кое се гради семејна куќа, хумана активност во која се вклучија сите институции и голем број на наши сограѓани.

Ваквото сплотување на нашите хумани сограѓани направи да се чувствувам среќен „татко на градот“.

И покрај малиот буџет со кој располага општината со гордост можам да кажам дека за една година успеав да вратам 21.525.000,00 денари од постоечкиот долг што укажува на тоа дека со одговорно и домаќинско работење и со наменско трошење на финансиските средства со кои општината располага, Демир Капија може да прерасне во место кое ќе биде атрактивно и погодно за живеење. Демир Капија е мало, но прекрасно место , опкружено со природни убавини кои никого не оставиле рамнодушен. Моја задача како градоначалник е да овозможам подобри услови кои ќе привлечат нови инвеститори , што ќе придонесе да се подобри животниот стандард на граѓаните и да се намали трендот на иселување на младите.

Со почит,
Вашиот градоначалник
Лазар Петров

Општина Демир Капија

ул.11-ти Октомври бб

1442 Демир Капија

тел.     + 389 43 364 100     e-mail: opstinadk@yahoo.com

факс.  + 389 43 364 133     e-mail: kontakt@opstinademirkapija.gov.mk